ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА

Стоматолошките рендген снимки се алатка од арсеналот на оралната грижа. Чистењето и визуелниот преглед на вашите заби, гингива и остатокот од устата овозможуваат да се зачуваат здрави видливите делови од вашата уста.
Меѓутоа, многу работи може да се случуваат под нивото на гингивата или во внатрешноста на забот, кои стоматологот нема можност да ги види без РТГ снимка. Понекогаш, иако мислите дека нема потреба од РТГ снимање, таа алатка ќе Ви помогне да пронајдете алармантни знаци од потенцијални проблеми (како на пример мали кариеси) и на време да ги решите без тие да се продлабочат.

Фреквенцијата на снимање варира од стоматологот и од пациентот. На некои пациенти им треба РТГ снимка еднаш годишно, додека на други на секои шест месеци или почесто, во зависност од проблемот.
Стоматолозите секогаш проценуваат дали на пациентот му треба или не РТГ снимка, грижливо одмерувајќи ги потенцијалните предности или ризици поврзани со тоа. Доколку тие препорачале РТГ снимка, во тој случај тоа е за ваше добро.

Секој тип РТГ снимка нуди различна визуелизација и има свои предности. Неретко за еден пациент се прават различни РТГ снимки со цел прецизно да се утврди состојбата на неговото орално здравје и да се утврди план на терапија.

Многу пациенти се плашат од ова прашање. Меѓутоа, количината радијација што се добива од рендгенот е минимална, посебно кај дигиталните апарати. Дополнително, пациентот се покрива со оловна прекривка која штити речиси 2/3 од телото и ги покрива виталните органи. Снимањето е краткотрајно и се прави исклучиво по потреба.